На Генералното собрание на Европската Кендо федерација кое се одржа во Токио, Јапонија, во рамките на 16. Светско Првенство во Кендо, беше изгласана одлука организацијата на ЕП во 2016 година да се додели на Македонија.
Во македонската делегација на Собранието во Токио беа претседателот на македонската Кендо – Иаидо федерација (МКИФ), Кесковски Златко и генералниот секретар Никола Балески. Пред изјаснувањето за доделување на организацијата на ЕП 2016, Кесковски во десетминутното излагање ги информира присутните делегати за подготвеноста и капацитетите на Македонија за реализација на еврошампионат.
Организацијата на ваков настан, на кој се планира да учествуваат околу 600 натпреварувачи од 40 земји, ќе биде предизвик, бидејќи Македонија е прва земја од Балканските простори која доби организација на ЕП во Кендо, а воедно истото претставува промоција на нашата земја и култура.
Голема поддршка за организацијата на ова првенство претходно дадоа Агенцијата за млади и спорт и Спортскиот центар „Борис Трајковски”.
Европското првенство ќе се одржи од 21 до 24 Април 2016, во Скопје.
Дополнително, МКИФ изрази спремност за организација на Европското првенство во Иаидо во 2018 год во Охрид. Гласањето и одлуката за овој настан е на ЕП во Кендо во Скопје 2016 година.
МКИФ објавува повик за волонтери кои ќе бидат дел од организацискиот тим на ЕПК 2016.